МНР нема информации за учество на македонски државјани во војната во Украина

Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија

Министертво за надворешни работи вечерва соопшти дека нема информации за евентуално учество на македонски државјани во војната во Украина.

Соопштението доаѓа по објавени информации во медиумите, во кои се цитира руското Министерство за одбрана, дека меѓу странските платеници кои се борат на украинска страна имало и 72 граѓани на Северна Македонија.

Министерството за надворешни работи во соопштението наведува дека не располага со релевантни информации поврзани со евентуалното учество на македонски државјанини во војната во Украина, ниту пак дека имало загинати.

„Министерството за надворешни работи постојано и внимателно ја следи ситуацијата, преку амбасадата во Украина. Штом има нови информации јавноста ќе биде информирана“, велат од МНР, пренесува МИА.

Во медиумските извештаи беше наведено дека властите во Москва објавиле табела за, како што ги нарекуваат, странски платеници што се борат на страната на Украина и дека меѓу земјите од кои во Украина доаѓаат „платеници“ е и Северна Македонија, односно дека од почетокот на војната досега на украинска страна се бореле 79 македонски државјани од кои убиени се 26, вратени се 21, а активни на фронтот се уште 32 лица од земјава.

Исто така се вели дека меѓу земјите од има „плтеници“ во Украина се и Албанија, Хрватска, Полска, Италија, Романија, Финска, Летонија, Косово…