Трамп одби да сведочи пред њујоршкото државно обвинителството

Поранешниот претседател на САД Доналд Трамп

Поранешниот претседател на САД Доналд Трамп денеска изјави дека се повикал на Петтиот амандман и дека нема да одговара на прашања пред државниот обвинител на Њујорк во истрагата за неговите зделки со недвижнини.

Утрото денеска Трамп дојде во канцеларијата на државната обвинителка Летиција Џејмс, но по еден час изјави дека одбива да одговори на прашањата во согласност со правата загарантирани на американските граѓани со Уставот на земјата.

Сведочењето на Трамп доаѓа само неколку дена откако агенти на ФБИ го пребараа неговиот имот во Мар-а-Лаго на Флорида, како дел од друга федерална истрага за тоа дали Трамп земал доверливи записи кога ја напуштил Белата куќа.

Граѓанската истрага во Њујорк, предводена од државниот обвинител Летиција Џејмс, вклучува наводи дека компанијата на Трамп, „Организација Трамп“, погрешно ја претставила вредноста на имотите, како на пример терените за голф и облакодерите, доведувајќи ги во заблуда кредиторите и даночните власти.

Обвинителството во мај објави дека истрагата е при крај и дека истражителите собрале значајни докази кои можат да доведат до судски спор.

Изјавата на Трамп е една од ретките преостанати парчиња што недостасуваат, соопшти обвинителството.

Џејмс во судските поднесоци рече дека нејзината канцеларија открила „значителни“ докази дека компанијата на Трамп „користела лажни или погрешни проценки на имотот за да добие различни економски придобивки, вклучувајќи заеми, осигурување и даночни олеснувања“.

Џејмс тврди дека Организацијата Трамп ја преувеличила вредноста на своите имоти за да ги импресионира заемодавачите или погрешно ја претставила вредноста на земјиштето за да го намали нејзиниот даночен товар.

Компанијата, според Џејмс, дури ја преувеличила големината на пентхаусот на Трамп на Менхетен, наведувајќи дека е речиси три пати поголем од реалната големина, а разликата во вредноста е околу 200 милиони долари.

Трамп ги отфрли обвинувањата, објаснувајќи дека барањето за најдобри проценки е вообичаена практика во индустријата за недвижнини.

Тој рече дека истрагата за јавниот обвинител Џејмс е дел од политички мотивиран „лов на вештерки“ и дека нејзината канцеларија „прави се за да го искористи своето корумпирано дискреционо право за да се меша во моите деловни зделки и политичкиот процес“.

Додека Џејмс го истражуваше овој случај против Трамп и неговата компанија, канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетен долго време спроведуваше паралелна кривична истрага.

Истрагата беше отворена во 2019 година и се занимава со аферите на Трамп пред да влезе во Белата куќа.

Американското Министерство за правда, исто така, ја истражува наводната вмешаност на поранешниот претседател Доналд Трамп во напорите за поништување на изборните резултати кога бунтовниците упаднаа во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година во обид да ја поништат изборната загуба на Трамп.