Иранските власти ги предупредија производителите и продавачите на женска облека дека ќе ги затворат своите бизниси доколку продолжат да користат „светли“ бои во нивните производи.
Во изјава за веб-страницата „Roydad24“, Маџид Емами, кој ја предводи Организацијата за мода и облека во Иран, го цитираше Министерството за индустрија и трговија дека производителите на женска облека би можеле да го изгубат правото да произведуваат наметки со отворена должина до колена - најчестото парче женска облека, која обично се носи преку кошула и со долги панталони или фармерки - ако не се држат до боите кои не се сметаат за „светли“, пренесува англискиот сервис на РСЕ.
„Во однос на бојата, Министерството нагласи дека производителите не треба да користат светли бои“, рече Емами.
Сепак, како што додаде, „нема наредба или пропис со кој би се разјаснило кои бои се сметаат за нелегални“.
Емами додаде дека „општеството нема проблем со ваквата облека (отворени наметки до колена во светли бои)“.
„Доколку надлежните институции сакаат да создадат ограничувања за видот на производството, прво треба да го сменат вкусот на општеството“, додаде Емами.
Оваа вест доаѓа во време на неодамнешните извештаи дека властите во Иран сè повеќе реагираат на жените за кои се верува дека ја прекршуваат својата обврска да носат хиџаб, кој е задолжителен на јавни места во Иран.
Во последниве недели, на жените за кои се смета дека не ги исполнуваат условите, им беше забранет пристапот во владините канцеларии, банките и јавниот превоз. Злогласните патроли или морална полиција стануваат поактивни и насилни. На социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледа како полицајци приведуваат жени, ги тераат во комбиња и ги одведуваат.
Хиџабот стана задолжителен во јавноста за иранските жени и девојчиња постари од девет години по Исламската револуција во 1979 година. Многу Иранки го прекршија правилото со текот на годините и ги поместуваа границите на она што официјалните лица велат дека е прифатлива облека.