Г7 - Руската контрола на нуклеарните централи во Украина го загрозува регионот

Поглед на нуклеарната централа Запорожје во Украина. 27 април 2022 година.

Лидерите на седумте најбогати земји на светот Г7 денеска ја осудија руската окупација на нуклеарната централа Запорожје и ја повикаа Москва веднаш да и ја врати на Украина целосната контрола над централата.

Украинскиот персонал што управува со централата „мора да биде во состојба да ги извршува своите должности без закани или притисок. Континуираната руска контрола врз централата му се заканува на регионот“, се вели во изјавата на министрите за надворешни работи на Г7, која ги вклучува Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД.

Запорожје, кој е најголемиот европски комплекс за атомска енергија, беше окупиран од страна на Русија на почетокот на нејзината инвазија врз Украина.

Во август електраната беше цел на напад кој оштети некои делови и доведе до исклучување на реакторот.

Украина и Русија разменија обвинувања за неодамнешното гранатирање на објектот.

Кремљ ги обвини украинските сили дека пукале врз нуклеарната централа, предупредувајќи на можни „катастрофални последици“ за Европа.

Украина претходно ги обвини руските сили дека истрелале ракети врз објектот. Киев минатиот месец соопшти дека руските сили складирале тешко оружје во објектот.

После тоа, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш повика да им се дозволи на меѓународните инспектори пристап до нуклеарната централа.

На 8 август Киев повика на формирање на демилитаризирана зона околу нуклеарната централа во источна Украина, каде борбите со руските сили ги зголемија стравувањата од нуклеарна несреќа.