Првиот брод со товар од над 6.000 тони пченица од Украина денеска пристигна на пристаништето Драч во Албанија.
Станува збор за турскиот брод „Јаохар Раним“ кој дванаесет дена пловеше од украинското до албанското пристаниште, а пченицата што ја носи треба да и биде доставена на компанијата во Тирана.
Украина и Русија на 22 јули постигнаа договор за извоз на пченица со посредство на Турција и Обединетите нации.
Според договорот, украинските бродови кои извезуваат жито можат да користат безбеден коридор, а Русија се согласи да не ги напаѓа.
Според податоците на Институтот за статистика (ИНСТАТ), Алабанија, пред почетокот на војната во Украина и воведените санкции кон Русија, увезувала над 40 отсто жито од Русија и четири отсто од Украина.
Албанија, како и другите земји од Западен Балкан, се соочува со криза поради нестабилниот пазар, што е последица на руската инвазија врз Украина и санкциите што западните земји ѝ ги воведоа на Русија.
Иако Албанија не е директно зависна од рускиот гас и нафта, таа исто така не може да ги задоволи своите потреби за енергија и е принудена да увезува голема количина електрична енергија по високи цени.
Ваквата состојба го влоши животниот стандард во Албанија, каде просечната плата е 490 евра, додека сиромаштијата, според податоците на Светска банка, покрива околу 30 отсто од населението.
Ова предизвика протести низ цела Албанија.
Албанија, која е членка на НАТО од 2009 година, им дава поддршка на западните партнери и Украина и соодветно на тоа воведе санкции против Русија.
Властите во Албанија ја поддржаа и резолуцијата на Генералното собрание на ОН за осуда на руската инвазија на Украина.