31 август е рокот до кога треба да биде завршена постапката по пријавата поднесена против бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, по што Комисијата за заштита и спречување на дискриминација јавно ќе објави што решила. Претседателката на комисијата Весна Бендевска апелира на трпение за да не се прејудицираат заклучоците. „Подносителот пред Комисијата ги достави своите наводи зошто се чувствува дискриминирано. Здружението имаше можност да ги даде своите аргументи. Но, цениме дека од поголем број на институции кои на некој начин во одреден фаза биле вклучени во случајот ќе треба да се набават факти и аргументи и од нив“, вели Бендевска. За време на увидот во клубот беше присутен и генералниот бугарски конзул Димитар Иванов што Комисијата го доживеа како обид за влијание.
КСЗД: Присуството на бугарскиот конзул при увидот во Културниот центар во Битола обид за влијание
Министерство за надворешни работи соопшти дека конзулот немал право да присуствува согласно Конвенцијата за конзуларни работи. Но, привремениот бугарски шеф на дипломатијата Николај Милков оцени дека присуството на конзулот „не е проблем“ затоа што не ја попречувал работата на Комисијата. Увидот беше во просториите на клубот со портретите на Ванчо Михајлов, Тодор Александров, Владо Черноземски, Мара Бунева, како и на Гоце Делчев и Даме Груев. На еден од ѕидовите врамен е и извадок од текст на Михајлов во кој се негира постоењето на македонската нација.
Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“, кој носи име на личност во историјата препознаена како соработник на фашистите, е сместен на улица „Рузвелтова“ во Битола, која до Втората светска војна беше дел од еврејскиот деснодрагорски кварт. „Тоа е еврејското маало со доста квалитетно изградени градски куќи, меѓу кои на Челебон и други познати личности. Во тој дел на градот е отворен Бугарскиот центар. Објектот до пред некоја година беше во сопственост на семејството Папакоч, а ми се чини дека има сознанија дека токму тоа претхопно било еврејска куќа“, вели Петер Ставрев, хроничар на Битола. На оваа улица има повеќе објекти во кои живееле Евреи кои трагично настрадале во нацистичките логори по депортацијата во 1943 година. Постојат раскажувања дека и објектот каде е клубот во минатото бил еврејски, но не е познато името на семејството кое живеело таму.