Притворени, затворени, отворени...
МАКЕДОНИЈА - Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја проширило истрагата за поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири за уште еден договор за консултантски услуги.
КОСОВО - Косовскиот премиер, Албин Курти денеска во неговиот кабинет остварил средба со шефот на канцеларијата на Европската унија во Приштина, Томас Шиноги и амбасадорите на петте највлијателни западни држави кои имаат дипломатски претставништва во Косово- САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција.
ЕУ - ЕУ соопшти дека САД и Иран најверојатно ќе одговорат „многу брзо“ на „конечниот текст“ кој има за цел да го оживее нуклеарен договор меѓу Техеран и светските сили. Шефот за надворешна политика на ЕУ и координатор за преговори, Жозеп Борел рече дека нацртот од 25 страници бил доставен до главните градови за да се донесат одлуки за негово прифаќање.
РУСИЈА - Руската компанија Транснефт соопшти дека Украина од 4 август го прекинала протокот на руска нафта во три европски земји, бидејќи исплатата за транзитот не може да се обработи поради санкциите. Според компанијата, ситуацијата влијаела на испораките во Чешка, Унгарија и Словачка.
МАКЕДОНИЈА - Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов денеска на прес-конференција информира дека месецов се регистрирани 88 пожари. Според него, во текот нa вчерашниот ден имало 18 пожари за кои за повеќе од полoвина постоела опасност да прераснат во сериозни пожари.
БЕЛОРУСИЈА - Воздухопловните сили на Белорусија одржуваат вежби на нејзина територија и во воена база за обука во Русија, соопшти денеска белоруското Министерство за одбрана. Според Министерството, вежбите вклучуваат боева муниција и ќе бидат во две фази: првата од 9 до 11 август во Белорусија, додека втората, од 22 до 25 август во руската база Ашулук која се наоѓа на југозападниот дел на Русија во близина на границата со Казахстан.
БУГАРИЈА - Бугарски суд нареди екстрадиција на Русин обвинет дома за големо даночно затајување во случајот комплициран со палењето на рускиот пасош од страна на осомничениот за време на антивоен протест во црноморското одморалиште Варна. Осомничениот, 46-годишниот Алексеј Алчин, тврди дека руските власти го прогонуваат поради неговите политички ставови и критики за војната на Русија против Украина. Алчин вели дека веќе пет години живее во Бугарија. Тој беше прогласен за бегалец од руските обвинители во април 2018 година, по истрагата за наводно затајување данок.
ТАЈВАН / КИНА - Министерот за надворешни работи на Тајван Џозеф Ву изјави денеска дека Кина сака да ги контролира Источното и Јужното Кинеско Море преку Тајванскиот теснец. Тој рече дека целта на Кина е да го анектира Тајван, а воените вежби што Кина ги започна неодамна се проба за инвазија. Ву додаде дека тие ги покажуваат и „геостратешките амбиции на Кина кои се протегаат надвор од Тајван“. Според него, Кина нема право да се меша во демократските процеси на тајванскиот народ или во нејзините односи со другите народи.
ИЗРАЕЛ / ПАЛЕСТИНА - Советот за безбедност на Обединетите нации одржа итен состанок за ситуацијата во Појасот Газа и неколку членови на телото изразија загриженост поради кревкото примирје меѓу екстремистите од Исламскиот џихад и Израел по три дневниот конфликт. Говорејќи преку видео врска на почетокот на состанокот, претставникот на ОН за Блискиот Исток, Тор Венесланд, предупреди дека обновените непријателства може да имаат „погубни“ последици.
БУГАРИЈА - Главната задача пред преодната бугарска влада е организирање и спроведување на вонредните парламентарни избори што ќе се одржат на 2 октомври, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со претставниците на институциите надлежни за подготовка и спроведување на гласањето.
САД - Американската агенција за криминални истраги и разузнавање (ФБИ) го пребарала имотот Мар-а-Лаго на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, како дел од истрагата за тоа дали тој зел доверливи документи од Белата куќа во неговата резиденција во Флорида. Во изјавата во која наведува дека претресот бил извршен, Трамп додаде дека агентите го отвориле сефот во неговата куќа и тоа го опиша како „ненајавена рација“.
УКРАИНА / РУСИЈА - Руската офанзива продолжува кон градовите Бахмут и Авдијевка во источниот регион Доњецк додека непријателот се обидува да им нанесе „максимални загуби“ на украинските сили, соопшти денеска Генералштабот на украинската армија. Во соопштението се додава дека руските воздушни сили бомбардираат воени објекти во правец на Доњецк како поддршка на артилериските и другите копнени операции насочени кон дислоцирање на украинските единици од фронтот.
КОСОВО - Потпретседателката на Демократската партија на Косово (ДПК), Влора Читаку, ја повика да не се шири страв и паника во јавноста, бидејќи според неа, нема да има војна на Косово. Таа на Фејсбук изјави дека НАТО е гарант на суверенитетот на Косово и дека Србија е свесна за импликациите на отворениот конфликт со НАТО.