Претреси за нелегални игри на среќа, одземени над 100 илјади евра

Илустрација

МВР соопшти дека полицијата во текот на вчерашниот ден извршила претреси на две локации во Скопје поради основано сомнение за сторено кривично дело „приредување на игри на среќа без лиценца односно дозвола од надлежен орган“. Претреси, според соопштението се извршени кај еден правен субјект и едно физичко лице.

Како што информира МВР, при претресот во правниот субјект биле затекнати 17 лица кои работеле како оператори за комуникација со играчи на кои им се приредува спортско и друг вид на обложување и други видови на игри на среќа. Притоа одземени се компјутери и компјутерска опрема, како и документација поврзана со нелегалното работење на правниот субјект.

Според МВР, пронајдени се и одземени 103.545 евра, 400 долари и 100 фунти, лични документи, празна рамка од пиштол, мобилни телефони и компјутерска опрема користена за вршење на кривичното дело.

По целосно документирање на случајот, како што се наведува, ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство.