Курти на средба со амбасадори за дијалогот со Србија

Косовскиот премиер, Албин Курти


Косовскиот премиер, Албин Курти денеска во неговиот кабинет остварил средба со шефот на канцеларијата на Европската унија во Приштина, Томас Шиноги и амбасадорите на петте највлијателни западни држави кои имаат дипломатски претставништва во Косово- САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција.

Според соопштението, Курти и западните дипломати разговарале за текот на дијалогот меѓу Косово и Србија, при што тој го повторил ставот дека во центарот на преговорите треба да биде меѓусебното признавање на двете држави.

„Во разговорот во врска со дијалогот меѓу Република Косово и Србија повторно беше нагласена заложбата на Владата на Република Косово за принципиелен и балансиран дијалог, за законски обврзувачки договор и за целосно нормализирање на односите, со меѓусебно признавање во неговиот центар“, се вели во соопштението.

На средбата се разговарало и за политичките случувања и безбедносната ситуација во земјата, како и за продолжувањето на тесната соработка и координацијата на Владата на Косово со мисијата на ЕУ и амбасадите на меѓународните сојузници.

Кутри во интервју за РСЕ изјави дека во општините на северот на Косово на 31 јули постоело ризик ситуацијата да се претвори во вооружен конфликт „поради стравот што го воведе Белград и поради плановите направени во Рашка и Белград“. Според Курти, барикадите кои биле поставени на патиштата во северно Косово биле поставени на тој начин што можело да се пука во возила и лица кои минуваат низ таа област.

Курти вели дека на средбата што ќе ја има со српскиот претседател Александар Вучиќ на 18 август во Брисел нема да разговара за одлуките за регистарските таблички и документите за влез и излез од Косово. За да се избегнат тензии на 1 септември, какви што имало на 31 јули, според него, меѓународниот фактор мора да го одбие Белград во неговиот деструктивен пристап кон Косово.