ЕУ соопшти дека САД и Иран најверојатно ќе одговорат „многу брзо“ на „конечниот текст“ кој има за цел да го оживее нуклеарен договор меѓу Техеран и светските сили.
Шефот за надворешна политика на ЕУ и координатор за преговори, Жозеп Борел рече дека нацртот од 25 страници бил доставен до главните градови за да се донесат одлуки за негово прифаќање.
„Имаме конечен текст. Значи, моментот е за одлука: да или не. И очекуваме сите учесници да ја донесат оваа одлука многу брзо. Нема повеќе простор за преговори“, изјави портпаролот на Борел, Питер Стано.
Портпаролот на Стејт департментот рече дека САД се подготвени „брзо да склучат договор“ за заживување на договорот од 2015 година врз основа на предлозите на ЕУ.
Портпаролот рече дека Вашингтон ќе почека да види дали „дејствата на Техеран се совпаѓаат со нивните зборови“ по повторените сигнали дека иранските власти може да го поддржат договорот.
Иран соопшти дека го разгледува нацртот во услови на „посеопфатни дискусии во Техеран“.
Енрике Мора, главниот преговарач на Европската унија, рече дека е „апсолутен“ оптимист за напредокот на разговорите.
Иран го постигна Заедничкиот сеопфатен акционен план во 2015 година со САД, Франција, Германија, Велика Британија, Русија и Кина. Со договорот Иран се согласи да го ограничи збогатувањето на ураниум под надзор на инспекторите на ОН во замена за укинување на економските санкции.
Вашингтон еднострано се повлече од нуклеарниот пакт за време на тогашниот претседател Доналд Трамп во 2018 година. Иран реагираше со постепено отстапување од своите обврски од договорот, како што е збогатувањето ураниум.
Преговарачите од Иран, Русија и ЕУ , како и САД, индиректно ги продолжија разговорите за нуклеарниот договор на Техеран на 4 август по повеќемесечниот застој во преговорите.