САД најавија уште една милијарда долари воена помош за Украина, ветувајќи дека тоа ќе биде најголемата испорака на ракети, муниција и друго оружје од залихите на Министерството за одбрана досега.
Помошта вклучува дополнителни ракети за артилериските ракетни системи со висока мобилност ХИМАРС, за кои Украина рече дека биле ефикасни на бојното поле.
Покрај тоа, помошта вклучува артилериска муниција, минофрлачки системи, противтенковски системи Џавелин и друга опрема и муниција, соопшти денеска Пентагон.
Ова е 18-то повлекување опрема од залихите на американското Министерство за одбрана за Украина од август 2021 година.
„Вкупно, САД досега обезбедија околу 9,8 милијарди долари безбедносна помош за Украина од почетокот на администрацијата на Бајден“, наведе в.д. портпаролот на Пентагон Тод Брејсил во соопштението.
Најголемиот единечен пакет помош досега беше 1 милијарда долари на 15 јуни.