Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска ѝ соопшти на нацијата дека не знаел за прислушувањето на телефонот на лидерот на социјалистичката партија Никос Андрулакис од страна на разузнавачката служба на земјата во 2021 година, што предизвика политичка бура. „Она што се случи можеби беше законски, но беше грешка. Не знаев и очигледно никогаш немаше да го дозволам тоа“, рече Мицотакис во телевизиското обраќање. Тој додаде дека разузнавачката служба на земјата ја потценила политичката димензија на телефонското прислушување. „Тоа беше формално адекватно, но политички неприфатливо“, изјави Мицотакис. Лидерот на ПАСОК-КИНАЛ Никос Андрулакис синоќа рече дека неговиот мобилен телефон бил следен, а во исто време имало и обид да се хакира со софтверот „Предатор“. Тој додаде дека единствено одговорен е Мицотакис и побара одговори од грчкиот премиер.
Мицотакис ќе излезе со став околу случајот со прислушкувањата
Од друга страна, опозициската СИРИЗА во саботата, коментираше дека „грчкиот „Watergate“ го има потписот на Мицотакис“ и побара премиерот да си поднесе оставка. Двете опозициски партии побараа формирање истражна комисија во грчкиот Парламент за истрага на политички одговорности во случајот. Во грчките медиуми се појавија информации дека следењето на Андрулакис било по барање на странска служба, споменувајќи ги Ерменија и Украина, меѓутоа двете земји, преку нивните амбасади во Грција, најостро и категорично ги демантираа овие натписи.