Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во текот на денешниот ден се очекува да излезе со став во однос на случајот со прислушкувањата во Грција, по оставките во петокот на Директорот на Националната служба за разузнавање на Грција (ЕИП) и генералниот секретар на грчката Влада, но и откако целиот случај е во фокусот на грчката јавност, а опозициските партии сметаат дека главната одговорност ја има токму Мицотакис. Оставката на првиот човек на ЕИП, Панајотис Кондолеон дојде по, како што соопштија од кабинетот на грчкиот премиер, „погрешните постапки во процесот на легалните следења“, односно во законското прислушкување, по добиено одобрение од Обвинителството, на мобилниот телефон на лидерот на ПАСОК- Движење на промена Никос Андрулакис, но без при тоа, според Владата, да биде информиран самиот премиер во чија надлежност е службата.
Мицотакис - Грција веќе не е „црната овца“ во Европа
Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому денеска изјави дека ако Мицотакис знаел за следењето на Андрулакис, „тоа немаше да се случи“ и затоа бил отстранет директорот на ЕИП и преземена политичка одговорност. Лидерот на ПАСОК-КИНАЛ Никос Андрулакис синоќа рече дека неговиот мобилен телефон бил следен од ЕИП, а во исто време имало и обид да се хакира со софтверот „Предатор“. Тој додаде дека единствено одговорен е Мицотакис и побара одговори од грчкиот премиер. Од друга страна, опозициската СИРИЗА уште во саботата, коментираше дека „грчкиот „Watergate“ го има потписот на Мицотакис“ и побара премиерот да си поднесе оставка. Двете опозициски партии побараа формирање истражна комисија во грчкиот Парламент за истрага на политички одговорности во случајот, а Владата одговара позитивно на ова барање. Во грчките медиуми се појавија информации дека следењето на Андрулакис било по барање на странска служба, споменувајќи ги Ерменија и Украина, меѓутоа двете земји, преку нивните амбасади во Грција, најостро и категорично ги демантираа овие натписи.