Во светот пад на новозаболени од ковид-19

тренд на опаѓање на новозаболени од ковид-19 на светско ниво

По летниот пораст, сега се бележи тренд на опаѓање на новозаболени од ковид-19 на светско ниво. Според неделната статистика на Ворлдметерс во изминатите седум дена, глобално се бележи пад на новозаболените од 17 проценти, во однос на претходната седмица. За 11 насто е намален и бројот на починати. Во Европа минатата недела имало за 29 проценти помалку ковид-случаи, во Северна и Јужна Америка за 27 отсто, во Азија за два процента, Африка за 49 отсто и Австралија и Океанија за 24 проценти. Пад на новозаболени на неделно ниво има во повеќето европски земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија со 23 отсто помалку случаи во однос на претходниот седумдневен период. Раст на ковид бројките е евидентиран во Босна и Херцеговина, Летонија, Литванија, Полска, Русија, Србија, Унгарија и Шпанија.

„Живеење со ковид“: Каде може да оди пандемијата?

Во минатата недела Комисијата за заразни болести одржа состанок, на кој што заклучи дека земјата е во фаза на широка трансмисија со соодветни капацитети за одговор, а во такви услови нема потреба од нови ковид-мерки. КЗБ апелираше на одговорно однесување и почитување на актуелните мерки. Во моментов, согласно податоците од Институтот за јавно здравје има 4.218 активни случаи на коронавирусот. Најголем број се од Скопје – 1700, додека во Дојран, Демир Капија, Делчево, Македонска Каменица и Македонски Брод има едноцифрен број на активни случаи. Пехчево е единствен град во земјава без активни случаи. Здравствените власти во земјава и во светот, сепак, укажуваат на внимателност поради можното повторно влошување на епидемиолошка состојба наесен.