По 18 месеци преговори и маратонска ноќна сесија, американскиот Сенат го усвои главниот климатски и здравствен план на претседателот Џо Бајден, значајна победа за претседателот за помалку од 100 дена пред важните збори за Конгресот. Демократите само со своите гласови во Сенатот го одобрија планот за инвестиции од над 450 милијарди долари, кој сега ќе биде испратен до Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, а гласањето се очекува следната недела. Потоа Бајден ќе го потпише. Планот беше изгласан со 51 против 50, а заменик-претседателката Камала Харис го даде одлучувачкиот глас за демократите.
Дали воопшто е возможна борба против климатските промени?
Планот е резултат на тешки компромиси со десното крило на Демократската партија и ја вклучува најголемата американска климатска инвестиција досега, 370 милијарди долари за намалување на емисиите на стакленички гасови за 40 насто до 2030 година. Со оваа реформа, секој Американец ќе добие и до 7.500 долари за купување на електрично возило. Владата ќе учествува со 30 проценти за поставување соларни панели на покривот. Реформата предвидува и зајакнување на отпорот на шумите против големите пожари кои го зафатија американскиот Запад и чиј раст директно се припишува на загревањето на планетата. Текстот предвидува и 64 милијарди долари инвестиции во здравството и постепено намалување на цените на некои лекови, кои можат да бидат и до десет пати поскапи отколку во другите богати земји.