Ракетирањето од Газа продолжи и по прекинот на огнот

Газа

Сирени за предупредување за проектили се огласија во израелските градови во близина на границата со Појасот Газа набргу по стапувањето во сила на прекинот на огнот меѓу Израел и палестинскиот Исламски џихад. Судејќи според првите извештаи, еден проектил бил пресретнат од „Железната купола“, систем за противвоздушна одбрана, над градот Мивтахим, јавуваат израелските медиуми. Прекинот на огнот официјално стапи на сила во 23:30 часот. Следните часови ќе бидат клучни и ќе се види дали прекинот на огнот ќе остане на сила по судирите кои почнаа во петокот попладне.

Палестинската милитантна група го потврди примирјето со Израел во Газа

Примирјето беше поздравено од пратеникот на ОН за Блискиот Исток Тор Венесланд, кој рече дека ОН се обидуваат да им помогнат на Израел и Исламскиот џихад да постигнат договор со посредство на Египет. Венесланд најави дека тимот на ОН ќе ги посети затворениците на Исламскиот џихад во израелските затвори, чие ослободување бара организацијата.