Палестинската милитантна група го потврди примирјето со Израел во Газа

Израелски војник патролира во близина на границата меѓу Израел и Газа, 4 август 2022 година

Палестинската милитантна група поддржана од Иран соопшти дека се согласила на прекин на огнот со Израел за да се стави крај на тридневниот интензивен конфликт во кој загинаа најмалку 36 Палестинци, меѓу кои 11 деца, а беа ранети повеќе од 300 лица.

Висок член на групата Исламски џихад на 7 август објави дека договорот за прекин на огнот постигнат со посредство на Каиро „ја содржи посветеноста на Египет да работи на ослободување на двајца [палестински] затвореници“ од израелскиот притвор.

Еден од затворениците е високо рангирана личност во политичкото крило на Исламскиот џихад, соопшти групата.

Израелските трупи започнаа операција на 5 август со напад врз водач на Исламскиот џихад и продолжија со воздушните напади во последните денови. Исламски џихад истрела стотици ракети кон Израел како одговор.

Израел соопшти дека презел акција против милитантната група поради конкретни закани за непосреден напад, но не даде повеќе детали.

Непосредно пред да се појават извештаите за прекин на огнот попладнево, израелските авиони удрија цели во Појасот Газа и палестинските милитанти истрелаа повеќекратни ракетни проектили кои стигнаа длабоко во Израел.

Владејачката група Хамас во Газа, која водеше 11-дневна војна со Израел во мај 2021 година, се чинеше дека остана настрана од оваа битка, можеби затоа што се плаши од израелски одмазди и поништување на економските разбирања со Израел. Тоа вклучува израелски работни дозволи за околу 12.000 жители на Газа кои ја зајакнуваат контролата на Хамас.