Почина жената која на 2 август беше претепана од неготинецот со кој била во вонбрачна заедница, поради што стореното дело ќе се преквалификува во потешко кривично дело, согласно новите околности, потврдија за МИА од Јавно обвинителство Кавадарци.
Оттаму појаснуваат дека тој останува во притвор, а постапката против него е во тек.
Претходно, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци донесе наредба за спроведување истражна постапка против 51-годишен жител на Неготино за кого постоеше основано сомнение дека сторил кривично дело – Тешка телесна повреда од член 131 став 3 од Кривичниот законик.
„На 2 август, по вербална расправија, осомничениот извршил семејно насилство врз жена со која претходно повеќе години живеел во вонбрачна заедница. Тој повеќе пати ја удирал со бокс во главата, а потоа ја турнал кон туш кабината во бањата. Оштетената паднала и се здобила со тешка телесна повреда од која западнала во коматозна состојба. По интервенција во Општа болница – Кавадарци, таа била итно пренесена на лекување во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје“, информираа тогаш од Обвинителството.
Анализата на случаи на фемициди во Македонија на УНДП, покажа дека во периодот 2017 – 2020 година се убиени вкупно 26 жени, според податоците на Државниот завод за статистика. Од нив, 22 убиства (84%) може да бидат квалификувани како фемициди - односно родово базирано убиство на жени.
Кај повеќе од 75% од анализираните случаи на убиства на жена кривичното дело е извршено од страна на актуелниот или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого живеела во заедница. Во повеќе од 80% од случаите, иако постоело насилство за кое подоцна во постапката сведочеле и блиски роднини на жртвата, ниедна од 14 убиени жени не го пријавила насилството во надлежните институции.
Најголем број од убиствата (50%) се случиле во семејниот дом, односно домот каде што сторителот и жртвата живееле заедно, покажа анализата.