Бесими одлучен за потребата од даночни реформи

Министерот за финансии Фатмир Бесими во својата редовна колумна се осврнува на најавените реформи на даночниот систем, искажувајќи ја својата посветеност за нивното донесување. Вели дека концептот на даночната реформа е насочен кон креирање оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на граѓаните.

Неделава беше одржана дискусија за реформите во даночниот систем со најзасегнатите - претставниците на бизнис заедницата, а најавено е дека разговорите ќе продолжат со сите општествени чинители.

Бесими појаснува дека се работи за голема фискална реформа, наречена СМАРТ систем на јавни финансии за кој очекува дека ќе има голема улога во заздравувањето на економијата од кризата.

„На приходната страна во СМАРТ финансиите потребна е подобрена наплата, поголем опфат на даночното зафаќање, за да има фискален простор за политики за поттикнување на повисок економски раст на среден рок. Обезбедувањето на приходи од сигурни извори значи стабилност и избегнување на процикличната фискална политика и на зголемувањето на јавниот долг. Оттаму, подобрувањето на стабилноста, ефикасноста и квалитетот на целокупниот систем на приходи во земјата ќе обезбеди одржливо и добро управување со јавните финансии“, пишува Бесими.

Вели дека суштината на планираната даночната реформа се базира на зголемување на даночната основа, без притоа да се зголемат даночните стапки, паралелно со сузбивање на неформалната економија. Појаснува дека во изминатите петнаесетина година, земјава постојано е на пониско ниво во однос на прибраните давачки како удел во БДП, и во однос на ЕУ, и во однос на регионот.

Вели дека концептот, што е во нацрт верзија, бил работен низ транспарентен и инклузивен процес, почнувајќи од февруари 2022.

„Дефиниравме пет приоритети со Стратегијата: поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, зголемена даночна транспарентност; подобар квалитет на услугите, и воведување на еколошко (“зелено“) оданочување“, пишува Бесими.

Повторува дека промени ќе има кај данокот на добивка, данокот на личен доход и данокот на додадена вредност, како и во даночната политика во областите на акцизите и зеленото оданочување.

Вели дека имплементација на новите законски решенија во најголем обем се очекува почнувајќи од 2023 година.

„Ова станува уште позначајно ако се има предвид дека реформата се спроведува во период кога се соочуваме со неколку економски кризи една по друга – Ковид, енергетска криза и инфлација, кои станаа уште покломплексни со инвазијата на Русија во Украина“, заклучува министерот.