Уште четири брода со жито ги напуштаат украинските пристаништа

Tоварниот брод „Разони“ под знамето на Сиера Леоне кој превезува 26.000 тони пченка од Украина, 3 август 2022 година

Четири бродови со украинско жито и храна деенска ги напуштија украинските пристаништа на Црното Море како дел од договорот за деблокирање на извозот на жито од таа земја по морски пат, објавија украинските и турските власти.

Четирите бродови биле натоварени со речиси 170.000 тони пченка и други прехранбени производи, соопшти украинскиот министер за инфраструктура Олександр Кубраков.

Три брода натоварени со до 80.000 тони пченка испловија од Украина на 5 август. Првиот брод што ја напушти Украина според договорот постигнат минатиот месец со посредство на Турција и Обединетите нации замина на 1 август.


Бродот „Разони“ се очекуваше да пристигне во Либан вечерва на 7 август, но наводно доцни и моментално се наоѓа во близина на турскиот брег.

Украинската амбасада во Либан ги информираше западните медиуми дека бродот „Разони“, кој носи повеќе од 26.000 тони пченка, нема да пристигне во Триполи според планираното. Изворот не даде детали за тоа кога бродот ќе пристигне, ниту зошто доцнел.

Девет бродови сè уште чекаат да ја напуштат Украина од трите пристаништа договорени во рамките на договорот, кој и го отвори патот на Украина да го обнови извозот на жито по морски пат за прв пат откако Русија ја нападна земјата во февруари.

Запирањето на испораките на жито од Украина, еден од најголемите светски извозници на жито, придонесе за скок на глобалните цени на храната и предизвика загриженост за земјите од Блискиот Исток и Африка за тоа дали ќе добијат доволно жито и други производи за да го прехранат своето население.

Украина ја обвини руската блокада на нејзините пристаништа за запирање на испораката на жито, додека според Русија вината е во мините кои ги стави Украина во водата.

На 6 август, првиот брод под странско знаме пристигна во Чорноморск, украинско пристаниште на северозападниот брег на Црното Море.

Пристигнувањето на бродот Фулмар Ес беше опишано од Кубраков како „важен сигнал до пазарот дека коридорот за жито е безбеден и што е најважно, е профитабилна деловна можност за сопствениците на бродови да се вратат во украинските пристаништа.“