Висок командант на палестинската милитантна група Исламски џихад е убиен во израелски воздушен напад, објавија денеска бригадите на исламскиот џихад Ал Кудс.
Убиството на Калед Мансур, кој ги предводеше операциите на Исламскиот џихад во јужниот дел на Појасот Газа, доцна во саботата дојде само еден ден откако во израелски напад беше убиен и палестинскиот милитантен командант Тајсер Џабари.
Во борбите веќе се убиени 29 Палестинци.
Бригадите на исламскиот џихад Ал Кудс потврдија во неделата дека Мансур и уште двајца милитанти биле убиени во воздушен напад во градот Рафах, во јужна Газа. Тие објавија дека во нападот загинале и пет цивили, меѓу кои едно дете и три жени, а неколку куќи се срамнети со земја.
Милитантите на Исламскиот џихад продолжија да гаѓаат ракети кон Израел, а израелската војска продолжи со воздушните напади врз Газа.
На 7 август се огласија сирените и се слушнаа експлозии во западното предградие на Ерусалим, што сигнализираше палестински ракетни напади со подолг дострел врз Израел.
Израелската војска соопшти дека залутана ракета истрелана од палестински милитанти убила цивили, вклучително и деца, доцна на 6 август во градот Џабалија во северниот дел на Газа.
Војската соопшти дека го испитала инцидентот и заклучила дека тоа се должи на погрешно пукање од Исламски џихад. Немаше официјален палестински коментар за инцидентот.
Единствената електрана во Газа на 6 август напладне престана да работи поради недостиг на гориво. Како резултат на тоа, жителите на Газа можат да користат електрична енергија по само четири часа на ден.
Борбите започнаа со убиството на командантот Џабари пред два дена, а за кои Израел вели дека имаат за цел да спречат неизбежен напад. Понатамошната ескалација зависи од тоа дали Хамас ќе се приклучи на борбите.
Израел и Хамас, исламската милитантна група која владее со Газа, се во спор, бидејќи водеа четири војни и десетици помали вооружени конфликти откако Хамас ја презеде контролата врз Газа пред 15 години.