Стевкова-Штериева: Банките се многу претпазливи при зголемувањето на каматните стапки

Претседателката на Македонската банкарска асоцијација Маја Стевкова-Штериева

Банкарскиот систем е стабилен, а банките како никогаш досега се претпазливи во однос на зголемувањето на каматните стапки на кредитите, смета претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова-Штериева.

Иако Народната банка неколкупати досега ја зголеми основната каматна стапка која сега е на висина од 1,25 процентни поени, Штериева забележува дека на годишна основа просечните каматни стапки на кредитите и депозитите на ниво на банкарски сектор бележат мал надолен тренд.

„Јасно е дека во услови на инфлација мора да има зголемување на каматните стапки и дека сигналот на Народната банка е реакција на макроекономските и монетарните состојби во земјата. Сепак, банките се претпазливи имајќи предвид дека драстичното и брзо зголемување на каматните стапки може да влијае на способноста на кредитокорисниците за сервисирање на обврските, при што тоа посебно се однесува на населението“, вели Штериева во интервју за МИА.

Претседателката на МБА порачува секој кредитокорисник или депонент на средства во банка да посвети внимание на одредбите во договорот со цел да се избегнат недоразбирања или непотребна паника околу каматните стапки.

„Фиксните каматни стапки по дефиниција не се менуваат за периодот додека се фиксни и во тој случај нема потреба од вознемиреност. Но, многу е важно да се посвети внимание и да се видат одредбите во договорите“, вели Стевкова-Штериева.

Притоа нагласува дека банкарскиот систем е стабилен, а повеќето од македонските банки работеле профитабилно со солиден раст на профитот остварен во првото полугодие од 2022.