Шефицата на АИ Украина поднесе оставка по извештајот кој ги критикува украинските воени тактики

Илустративна фотографија/ Украински војник на својата позиција на линијата на фронтот во областа Харков, 9 јуни 2022 година

Шефот на канцеларијата на Амнести интернешенел (АИ) во Украина поднесе оставка, обвинувајќи ја организацијата за пропаганда на Кремљ во извештајот во кој се критикува воениот одговор на Киев на неиспровоцираната инвазија на Русија.

АИ предизвика бес во Украина со објавувањето на извештајот на 4 август во кој се обвинуваат киевските сили дека ги загрозуваат цивилите со тоа што се сместуваат во станбени згради, училишта и болници.

„Ако не живеете во земја нападната од окупатори кои ја кинат на парчиња, веројатно не разбирате како е да се осудува армија бранители“, рече Оксана Покалчук на Фејсбук, објавувајќи ја својата оставка доцна на 5 август.

„И нема зборови на ниеден јазик што можат да го пренесат ова на некој што не ја доживеал оваа болка“.

Покалчук рече дека се обидела да го предупреди високото раководство на Амнести дека извештајот е едностран и дека неправилно ја земал предвид украинската позиција, но таа била игнорирана.

Генералниот секретар на Амнести интернешенел Агнес Каламар одговори на оставката на Покалчук, велејќи: „Оксана беше ценет член на персоналот на Амнести и ја водеше канцеларијата на Амнести интернешнал Украина седум години со многу значајни успеси за човековите права.

„Жал ни е што слушнавме дека ја напушта организацијата, но ја почитуваме нејзината одлука и и посакуваме добро“, рече Каламар.

Од Амнести велат дека контактирале со претставниците на одбраната во Киев за своите наоди на 29 јули, но не добиле одговор до моментот на објавувањето - но Покалчук тврди дека ова известување не било доволно.

„Како резултат на тоа, организацијата ненамерно објави извештај што звучеше како поддршка за руските наративи. Настојувајќи да ги заштити цивилите, ова истражување наместо тоа стана алатка на руската пропаганда“.

Амнести наведе инциденти во кои украинските сили се чини дека ги изложиле на опасност цивилите во 19 градови и села во регионите Харкив, Донбас и Миколаев.

„Документиравме шема на украински сили кои ги ставаат цивилите во ризик и ги кршат законите за војна кога дејствуваат во населени области. Да се биде во одбранбена позиција не ја ослободува украинската војска од почитување на меѓународното хуманитарно право“, изјави шефот на Амнести, Каламар.

Украинската влада силно се спротивстави на извештајот, кој Кремљ и руските медиуми веќе опширно го цитираа.

Министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба ги нарече наводите „неправедни“, а министерот за одбрана Олексеј Резников го нарече извештајот „перверзија“.

Претседателот Володимир Зеленски рече дека групата за права се обидела „да ја амнестира терористичката држава и да ја префрли одговорноста од агресорот на жртвата“.