Кина продолжува со воените вежби во Тајван, островот ја обвинува за симулација на напад врз Тајпеј

Илустративна фотографија

Се интензивираат воените вежби на Кина во дворот на Тајван. ОН бара итна деескалација на тензиите. Животната средина прва „жртва“ на геополитичките превирања.

Тајван ја обвини кинеската армија дека во саботата почналa симулација на напад на нејзиниот главен остров, додека Пекинг продолжи со одмаздата за посетата на Тајпеј на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.

Односите меѓу двете суперсили се прекинаа по посетата на Пелоси кај соседот на Кина, за кој кинеските власти тврдат дека е нивна територија, што поттикна повици од ОН за итна деескалација на тензиите.

Пекинг одржа некои од своите досегашни најголеми воени вежби денеска околу Тајван, вежби со цел да се практикува блокада и конечна инвазија на островот, велат аналитичарите.

Видете и ова: НАТО се спрема за соочување со Кина: Противник или предизвик?

Тајпеј соопшти дека забележал „повеќе серии“ кинески авиони и бродови кои оперираат во Тајванскиот теснец, од кои некои ја преминале демаркационата линија што го дели теснецот, но кои Пекинг не ги препознава.

„Беше оценето дека тие спроведуваат симулација на напад на главниот остров на Тајван“, соопшти Министерството за одбрана на островот.

Како одговор, војската на демократскиот остров мобилизираше воздушни и копнени патроли и распореди копнени ракетни системи, соопшти Министерството. Тајванската армија пртитоа соопшти дека „20 комунистички авиони и 14 бродови се откриени во водите околу Тајван кои спроведуваат заеднички вежби на воздух и море“.

Најмалку 14 од нив ја преминале средната линија, се вели, принудувајќи го Тајпеј да крене патролни авиони за да ги одврати авионите.

Животната средина прва „жртва“ на нарушените односи Кина-САД

Американскиот државен секретар Антони Блинкен, на денешниот состанок со својот филипински колега, рече дека Вашингтон е „решен да дејствува одговорно“ за да избегне голема глобална криза.

Животната средина стана најновата жртва на геополитичкото превирање само еден ден претходно, бидејќи Пекинг рече дека ќе се повлече од серијата разговори и договори за соработка со Вашингтон кои се однесуваат главно на климатските промени и одбранбената соработка.

Блинкен притоа истакна дека Кина не треба да води разговори за прашања од глобален интерес како „заложништвото“ со климатските промени, бидејќи „не ги казнува Соединетите Држави, го казнува светот“.

Продолжуваат кинеските вежби во Тајванскиот теснец

Во обид да покаже колку кинеските сили се приближуваат до бреговите на Тајван, војската на Пекинг во текот на ноќта објави видео на пилот на воздухопловните сили како од неговата пилотска кабина го снима крајбрежјето на островот и планините.


Според кинеските државни медиуми, на вежбите, Пекинг истрелал балистички ракети над главниот град на Тајван. Пекинг ,исто така, соопшти дека ќе одржи вежба со жив оган во јужниот дел на Жолтото Море - лоциран меѓу Кина и Корејскиот полуостров, од сабота до 15 август.

Министерството за надворешни работи на Тајван пак денеска му порача на Пекинг „веднаш да престане да ги зголемува тензиите и да презема провокативни акции за заплашување на тајванскиот народ“.

Советот за прашања на копното, највисокото тело за креирање политики во Тајпеј за Кина, исто така ги осуди вежбите по очигледната симулација во саботата.

Обемот и интензитетот на вежбите во Кина предизвикаа гнев во САД и другите демократии.

Блинкен и министрите за надворешни работи на Јапонија и Австралија издадоа заедничка изјава во која ја повикаа Кина да ги прекине вежбите по состанокот на маргините на самитот на Асоцијацијата на државите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во Камбоџа.

Но, одлуката на Пекинг да се повлече од тешко стекнатата соработка за климатските промени сега предизвикапошироки стравови за иднината на планетата.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, за новинарите во Вашингтон изјави дека одлуката е „фундаментално неодговорна“.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, пак предупреди дека двете велесили мора да продолжат да работат заедно, за доброто на светот.

„За генералниот секретар, нема начин да се решат најгорливите проблеми во целиот свет без ефективен дијалог и соработка меѓу двете земји“, рече неговиот портпарол Стефан Дужарик.

Санкции за Пелоси

Поради посетата на Пелоси на Тајван, Пекинг освен што го прекина дијалогот со САД, воведе и санкции за високата државна претставничка и за нејзиното потесно семејство.

Видете и ова: Пелоси замина од Тајван, завршувајќи ја посетата што ја налути Кина

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји рече дека Пелоси „сериозно се мешала во внатрешните работи на Кина, сериозно му наштетила на суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина, сериозно го прекршила принципот на една Кина и сериозно го загрозила мирот и стабилноста на Тајванскиот теснец“.

Пелоси пристигна во Тајван во вторникот. Нејзината посета на островот, и покрај предупредувањата на Кина, беше посета на највисоко ниво на американски функционер во последните 25 години. Таа во Тајван стигна по посетата во Јапонија, остварена во рамки на нејзината поширока азиска турнеја.

Говорејќи во Јапонија по средбата со премиерот Фумио Кишида, Пелоси рече дека нејзиното патување во Азија не е за „промена на статус кво во Тајван или во регионот“.

Јапонското Министерство за одбрана во меѓувреме извести дека дури четири проектили прелетале над главниот град на Тајван, што е без преседан. Исто така, известија дека пет од деветте проектили истрелани на нејзина територија паднале во јапонската економска зона, што е исто така прв пријавен инцидент.

Тајван има самоупра од 1949 година, кога комунистите на Мао Цетунг ја презедоа власта во Пекинг откако ги победија националистите Куоминтанг на Чианг Кај Шек во граѓанска војна. Пекинг вели дека неговите односи со Тајван се внатрешно прашање и го задржува правото да го стави островот под кинеска контрола, доколку е потребно и со сила. Тајван ги отфрла тврдењата на Кина, велејќи дека само народот на Тајван може да одлучи за нивната иднина.