Кина ја прекинува соработката со САД во неколку области, вклучително и дијалогот меѓу високите воени команданти, како одговор на посетата на Тајван од страна на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.
Кинеското Министерство за надворешни работи, исто така, во соопштение на 5 август објави дека ги прекинува преговорите за климата со САД, како и соработката за спречување на прекуграничен криминал и репатријација на мигрантите.
Кина претходно објави дека воведува санкции против Ненси Пелоси, како и нејзиното потесно семејство, поради посетата на Тајван.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји рече дека Пелоси „сериозно се мешала во внатрешните работи на Кина, сериозно му наштетила на суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина, сериозно го прекршила принципот на една Кина и сериозно го загрозила мирот и стабилноста на Тајванскиот теснец“, се вели во соопштението.
Пелоси: Кина не може да ги спречи американските претставници да го посетат Тајван
Ненси Пелоси е највисокиот американски политичар кој го посетил островот во последните 25 години.
Иако САД официјално не го признаваат Тајван, Вашингтон одржува силни односи со островот, вклуително и продажба на оружје за одбрана на Тајван.
Говорејќи за Би-Би-Си, министерот за надворешни работи на Тајван Џозеф Ву ја бранеше посетата, која рече дека „ќе го подигне профилот на Тајван и ќе и овозможи на меѓународната заедница да разбере дека Тајван е демократија“.