КЗЗБ: Широка трансмисија на ковид - нема нови мерки

Илустрација

Македонија е во фаза на широка трансмисија на ковидот, но има соодветни капацитети за одговор и препорака за нови рестриктивни мерки нема.

Ова е заклучокот од денешното заседавање на Комисијата за заштита од заразни болести.

Од таму велат дека во изминатата недела се забележува благ пораст на бројот на нови случаи за 8,5%, што е значително понизок пораст споредено со претходната недела кога имаше пораст од 55,7% и е во согласност со намалувањето на т.н. репродукциски број.

„Во овие услови, Комисијата не препорачува воведување на нови рестриктивни мерки и апелира до граѓаните на совесно однесување и почитување на мерките кои се на сила, т.е. задолжително носење на заштитни маски во здравствените установи, аптеките, во јавниот превоз и во згрижувачките установи“, велат од Комисијата.

„Живеење со ковид“: Каде може да оди пандемијата?

Лекарите потсетуваат и дека од особена важност е граѓаните кои имаат симптоми или се сомневаат дека се Ковид позитивни да се однесуваат одговорно и да ги заштитат луѓето околу себе, така што ќе избегнуваат близок контакт со други луѓе и престој во затворени простории без маски.