Европската Унија внимателно ги следи сите поврзани случувања, вклучително и неодамнешните јавни препукувања, велат Канцеларијата на ЕУ во земјава по повикот на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал Вилма Русковска. Таа ги повика сите меѓународни институции и амбасади, пред сè Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ еднаш засекогаш да се проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот.
„Примената на владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за Европската Унија. Тоа е суштински дел од претстојниот преговарачки кластер „основи“, кој прв ќе се отвори во пристапните преговори со ЕУ. Применливите закони ги пропишуваат соодветните надлежности на националните власти и начините на нивната меѓусебна соработка, кои треба да се почитуваат. Ова прашање треба да го решат надлежните органи“, велат за Радио Слободна Европа од Канцеларијата на ЕУ.
Соопштението на Русковска во кое таа бара меѓународна помош, уследи по медиумската војна со директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми и најавата дека тој ќе поднесе кривични пријава против Русковска и уште две обвинителки кои на 18 месецов извршија претрес во институцијата со која раководи Муареми.