Сашо Блажес, уметник: Ја сакам несигурноста, постојаното истражување, периодичната трансформација...

Четириесеттина дела изработени во различни цртачки техники и медиуми се изложени на заедничката изложба „Остров на осаменост“ на македонските уметници Мирко и Лидија Вујисиќ и Сашо Блажес, што од 5 август се одржува во Галеријата во „Куќата на Робевци“, во Охрид

Изместен од осамата на сопственото ателје како привилегија што може да си ја приушти еден творец кој одбрал да работи и твори во родниот град, Сашо Блажес некако како да го јавна бранот и реши да сподели дел од она што во меѓувреме љубоморно го чувал од очите на јавноста. Делата што настанале и кои говорат за неговата реакција на времето-невреме во кое живееме или можеби живуркаме. Деновиве заедно со своите колеги и професори Мирко и Лидија Вуисиќ ја потпишуваат заедничката изложба на цртежи „Остров на осаменост“, неодамна во Битола од ДЛУБ беше награден со високото признание „Борислав Траиковски“, а за октомври го подготвува новото претставување во Скопје, овојпат во Национална галерија.

Сашо Блажес

Сашо Блажес

И, уште неколку реченици од неговата биографија. Роден во Охрид 1980 година, Сашо Блажески (или Блажес како што се потпишува во творештвото) дипломирал и магистрирал на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти на графичкиот отсек. За време на магистерските студии бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот. Неговиот интерес во уметноста е насочен кон графиката и сликарството, фотографијата, музиката и кураторството.

Овој петок, на 5 август, во Куќата на Робевци во Охрид ја отворивте заедничката изложба на цртежи со уметниците Мирко и Лидија Вуисиќ насловена „Остров на осаменоста“? Како дојде до оваа поставка и што е она што како порака и заложба сакате да и го пренесете на македонската ликовна публика, на нашата културна јавност?

Со професорите Мирко и Лидија Вујисиќ соработуваме веќе подолго време. Во 2018 година во својство на куратор учествував во подготовката на нивната изложба „Мултиплицирани реалности“. А овој пат дојдов до идеја да се направи една заедничка поставка со цртежи работени во периодот на изолација кога секој од нас се наоѓаше во некој засебен т.н „Остров на осаменост“.

Дело на Сашо Блажес

Основната идеја беше да се отвори една изложба на цртежот како медиум пред се*. Цртежот денес, неретко од страна на современите текови во уметноста, а особено кај нас е поставен малку настрана, сметан за помалку или повеќе конзервативен медиум. Го зедовме цртежот како концептуален базичен елемент за истражување во непознати зони и за редефинирање на еден визуелен универзум. Изложбата просторно отсликува една состојба на контрасти помеѓу ред и неред, несигурност и смиреност, мир и немир.... и тука секој од нас ги држиме под притисок естетските граници помеѓу, видливото и невидливото, цртеж-сцена, цртеж- печат, цртеж –рељеф, цртеж-колаж...

„Бејкон“ - наградениот портрет на Сашо Блажес

Проектирана ли е и натамошната траекторија на движење на „Остров на осаменоста“? Има ли шанси вашите цртежи да се обидат да комуницираат со љубителите на визулната стварност во и надвор од ова наше поднебје?

Оваа изложба, селекцијата што ја направивме од некаде четириесеттина дела, и не затоа што сум еден од иницијаторите и авторите, сметам дека треба да биде видена, поставена и доживеана од ликовнатат публика на повеќе места како кај нас така и надвор надвор од границите на Македонија. Ние како нејзини творци ќе сториме напори да ја одведеме што подалеку, но знаете дека наспроти желбите секогаш се исправа реалноста во која живееме.

Сашо Блажес неодамна стана и добитник на наградата „Борислав Траиковски“ што ја доделува Друштвото на ликовните уметници од Битола. Што значи за вас лично, за уметник кој одбрал да твори и делува во тишините на една средина каква што е древниот Охрид, ова признание? Како вие лично ги доживувате наградите? Колку тие можат да ве стимулираат или да ве изместат од зацртаната авторска патека?

Наградата ‘’Борислав Траиковски’’ беше комплетно изненадување за мене како автор, како уметник, Токму и затоа изразувам голема благодарност до ДЛУБ и особено до комисијата во која беа Владимир Величковски, Лилјана Христова и Никола Главинче и која го избра моето дела за оваа награда. Од друга страна, морам да признам дека никогаш досега не сум учествувал на конкурси за награда и слично ... и затоа не ги доживувам како стимулант во творештвото, но секако дека ме радуваат.

Дело на Лидија Вујисиќ од изложбата „Остров на осаменоста“

Наградата ја добивте за делото насловено ,,Бејкон” од 2022 година. Жирито ќе забележи дека „портретот е насликан во техника масло на платно и содржи некои од суштествените карактеристики на вашето творештво. Со оглед на ова, колку вие со него и новата серија на дела сте доследен на сопствениот творечки ракопис и каде натаму планирате да се движите? Што е она што како автор ве провоцира да го истражувате?

По природа припаѓам на онаа група автори кои не се задоволуваат да бидат во една конфорна зона. Напротив ја сакам несигурноста, постојаното истражување, периодичната трансформација и менување на стилот. Ќе видиме, времето ќе покаже.

Дело на Лидија Вујисиќ од изложбата „Остров на осаменоста“

Што по оваа заедничка изложба со Лидија и Мирко Вуисиќ? Каде ќе ги насочите своите усилби – на нови слики, цртежи, изложби...

Веќе подолг период почнувајќи од 2019 година се подготвувам и работам на една нова тема, комплетно различна од она што го имам како пристап досега работено, и сето тоа ќе резултира со самостојна изложба во месец октомври во Националната галерија во Скопје.

Дело на Мирко Вујисиќ

И, конечно, како еден од луѓето чии професионални заложби се врзани и со ликовните претставувања во Музејот, што е она што до крајот на сезоната ќе може да се види во Охрид?

Што се однесува до изложбениот план на Охридскиот музеј , ангажиран сум, односно ја припремам излобата „Антологија 3“ со која ќе бидат претставени дела од делот на апстрактната уметност од македонски и југословенски автори содржани во Збирката на Современа уметност на Музејот.

Дело на Сашо Блажес

Дело на Мирко Вуисиќ