Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги осуди воените вежби на Кина во близина на Тајван како „значајна ескалација“. Тој додаде дека „нема оправдување“ за вежбите што Кина ги започна како одговор на посетата на Тајван од страна на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси. Пекинг, кој го смета Тајван како одметничка провинција која треба да биде припоена доколку е потребно и со сила, смета дека контактот на американските официјални лица со Тајпеј е обид да се поттикне независност на таа земја. Американските власти го отфрлија тоа тврдење.
Пелоси: Кина не може да ги спречи американските претставници да го посетат Тајван
Кина, која соопшти дека вежбите се „неопходен“ одговор на посетата на Пелоси, истрела балистички проектили и распореди борбени авиони и воени бродови околу Тајван, прогласувајќи повеќе опасни зони на некои од најпрометните бродски патишта во светот. „Овие провокативни акции се значајна ескалација“, рече Блинкен по разговорите со министрите за надворешни работи на Југоисточна Азија во Пном Пен. Тој рече дека позицијата на САД за Тајван не е променета и дека „нема да бидат испровоцирани“ од активностите на Кина.