Претседателката на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси денеска изјави дека Кина нема да го изолира Тајван со тоа што ќе ги спречи американските претставници да го посетат автономниот остров. Кинезите се обидоа да го изолираат Тајван, рече Пелоси, вклучително и неодамна кога го спречија да се приклучи на Светската здравствена организација. Таа рече дека нејзиното патување во Тајван немало за цел да го промени статус квото на островот, туку да го одржи мирот во Тајванскиот теснец. Таа, исто така, ја пофали тешко здобиената демократија на Тајван, вклучувајќи го напредокот во различноста и успесите во технологијата и бизнисот, и го критикуваше кинеското кршење на трговските договори, ширењето на оружјето и проблемите со човековите права.
Пелоси замина од Тајван, завршувајќи ја посетата што ја налути Кина
Пелоси, првиот претседател на Претставничкиот дом на САД што го посети Тајван по 25 години, во средата во Тајпеј рече дека посветеноста на САД за демократија на островот и на други места останува „цврста“. Пелоси и уште пет други членови на Конгресот доцна синоќа пристигнаа во Токио како дел од азиската турнеја која вклучуваше и посети на Сингапур, Малезија, Тајван и Јужна Кореја. Кина, која го смета Тајван за дел од својата територија и се заканува дека ќе го анектира насилно доколку биде потребно, посетата на Ненси Пелоси ја нарече провокација, а вчера почна воена вежба, вклучувајќи вежбање ракетни напади во шест зони околу Тајван. Пелоси рече дека Кина ги започнала ракетните вежби, најверојатно користејќи ја посетата на американските членови на Конгресот на Тајван како изговор.