АИ - Украинските борбени тактики ги загрозуваат цивилите

Лого на Амнести интернешнал.

Украинските сили ги доведоа цивилите во опасност со воспоставување бази и оперативни системи за оружје во населените станбени области, вклучително и во училиштата и болниците, во обид да се справат со руската инвазија која започна во февруари, соопшти денеска Амнести интернешнал.

Генералниот секретар на Амнести интернешнл, Агнес Каламард, рече дека истражувачите на организацијата за човекови права документирале „шема на украински сили кои ги ставаат цивилите во ризик и ги кршат законите на војната кога дејствуваат во населени области“, се додава во извештајот објавен на 4 август.

Извештајот, кој Кремљ и руските медиуми веќе опширно го цитираат, ја налути Украина, според одговорот на неколку високи функционери.

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, рече дека групата за човекови права направила „лажна еквивалентност“ меѓу дејствијата на руските окупаторски сили и Украинците кои ја бранат својата татковина.

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников го нарече извештајот „перверзија“ поради доведување во прашање на правото на Украинците да ја бранат својата земја.

Каламар рече дека тоа што е во одбранбена позиција „не ја ослободува украинската војска од почитување на меѓународното хуманитарно право“.

Организацијата за човекови права соопшти дека пронашла докази за тоа дека украинските сили започнувале напади од населени станбени области и се сместувале во цивилни згради во 19 градови и села во три региони на земјата. Амнести ги собрала податоците за тоа во периодот меѓу април и јули.

Амнести, исто така, соопшти дека открила дека украинските сили користат болници како воени бази на пет места, што групата за човекови права го нарече „јасно кршење на меѓународното хуманитарно право“, кое бара од страните во конфликтот да не се лоцираат во или во близина на густо населените области“.

Но, во извештајот, исто така, се нагласува дека „практиката на украинската војска за лоцирање воени цели во населените области на кој било начин не ги оправдува неселективните руски напади“.

Исто така, се вели дека на локациите каде што Амнести интернешнал заклучила дека Русија извршила воени злосторства „организацијата не пронашла докази дека украинските сили биле лоцирани во цивилни области кои биле цел на руската војска“.

Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател, на Твитер ја обвини Амнести Интернешнл дека учествува во руската кампања за дезинформации и за дискредитација на вооружените сили на Украина.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова на Телеграм напиша дека и тие постојано зборуваат за тоа дека вооружените сили на Украина го користат цивилното население како „човечки штит“.