Американската кошаркарска ѕвезда Бритни Гринер доби девет години затворска казна, одлучи Судот во Русија. Тој ја прогласи за виновна за шверц на дрога. Според Судот таа намерно донела масло од канабис во Русија кога дошла да му се придружи на нејзиниот тим во земјата.
Кошаркарката која има 31 година, треба да плати и казна од 1 милион рубљи (16.300 долари), одлучи Судот.
Обвинителите побараа од Судот да ја осуди на 9 и пол години затвор. Максималната дозволена казна според рускиот закон е 10 години.
Американскиот претседател Џо Бајден издаде изјава веднаш по објавувањето на пресудата, што е редок потег, велејќи дека тоа е „уште еден потсетник за она што светот веќе го знаеше: Русија греши што ја става Бритни во притовор.
„Тоа е неприфатливо и ја повикувам Русија веднаш да ја ослободи за да може да биде со сопругата, најблиските, пријателите и соиграчите“, се вели во соопштението.
Гринер пред Судот на 4 август рече дека немала намера да го прекрши законот.
Двократната олимписка шампионка е приведена во Русија откако властите рекоа дека пронашле ампули со масло од канабис во нејзиниот багаж кога минала низ московскиот аеродром Шереметјево во февруари. Вкупната количина на канабис пронајдена во ампулите е 0,7 грама.
Канабисот е нелегален во Русија и за медицински и за рекреативни цели.
Случајот со американската кошаркарка доаѓа во време на затегнати односи меѓу САД и Русија.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на 29 јули разговараа телефонски за можна размена на затвореници, која би можела да ги вклучи Гринер и рускиот трговец со оружје Виктор Бут.
Гринер е ѕвезда на Феникс Меркјури, но како и многу кошаркарки од ВНБА, заработува играјќи во Русија надвор од сезоната. Таа во Русија игра за тимот на УММЦ во Екатеринбург од 2014 година.