ЕСМ формираше три фирми кои ќе може да се јават на јавниот повик за фирма која ќе го снабдува главниот град со топлинска енергија. Во една од фирмите член на надзорниот одбор е Бесиана Џафери Бекири, ќерка на претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери.
Од ЕСМ велат дека вршителите на должност управители и надзорот на новите друштва за топлина се вработени во АД ЕСМ и дека биле вклучени во енергетската криза претходната грејна сезона.
По задолжување од Владата АД ЕСМ формира три друштва за топлинска енергија, едното за производство, второто за дистрибуција и третото за снабдување со парно. Со нив ЕСМ ќе се пријави на јавниот повик за обезбедување парно греење за градот Скопје.
„Сите лица се вработени во АД ЕСМ со редовни работни задачи, додека обврските во новите друштва им се доделени како дополнителна работна обврска“, велат од ЕСМ.
Пред неколку месеци државата и ги одзеде сите лиценци на фирмата БЕГ која го снабдуваше Скопје со топлинска енергија.
Од 1 август цената на парното поскапе за 14 проценти.