„Се чини дека ова прашање е тековен процес и е прашање за надлежните органи да го решат“, одговорија од Амбасадата на САД во земјава по повикот на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал Вилма Русковска. Таа синоќа ги повика сите меѓународни институции и амбасади, пред сè Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ еднаш засекогаш да се проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот.
„Амбасадата на САД е вложена во унапредување на владеењето на правото во Северна Македонија и ги поддржува напорите на властите и на правосудството за обезбедување на транспарентност и отчетност кај институциите и внатре во нив“, се вели во одговорот на американска амбасада.
Соопштението на Русковска во кое таа бара меѓународна помош, уследи по медиумската војна со директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми и најавата дека тој ќе поднесе кривични пријава против Русковска и уште две обвинителки кои на 18 месецов извршија претрес во институцијата со која раководи Муареми.