ЕУ повикува на итен прекин на конфликтот во Нагорно-Карабах

Нагорно-Карабах

Европската унија повика на итен прекин на непријателствата меѓу азербејџанските и ерменските сили во Нагорно-Карабах. „Неопходна е деескализација, целосно да се почитува прекинот на огнот и да се врати на преговарачка маса за да се бараат решенија“, изјави портпаролот на шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел. Судири меѓу ерменските и азербејџанските сили вчера повторно избувнаа во Нагорно Карабах, формално територијата на Азербејџан, од која поголемиот дел е под контрола на етничките ерменски сили, поддржани од владата во Ереван.

Војската на Нагорно-Карабах го обвини Азербејџан за напади

Русија го обвини Азербејџан дека го прекршил примирјето во енклавата Нагорно Карабах, велејќи дека нејзините мировни сили, распоредени во таа област, се обидуваат да ја стабилизираат ситуацијата. Министерството за одбрана на Русија соопшти дека „командата на руските мировни сили, со претставниците на Азербејџан и Ерменија, презема чекори за стабилизирање на ситуацијата“, пренесува Франс прес. Ерменија склучи мировен договор со Азербејџан со посредство на Русија во ноември 2020 година, по понижувачкиот пораз на ерменските сили во шест неделната војна за Нагорно-Карабах, во која загинаа повеќе од 6.500 луѓе. Со тој договор, Ерменија по повеќе од 25 години изгуби контрола врз дел од Нагорно Карабах и околните области во Азербејџан.