Скопје, Киев, Пекинг...

МАКЕДОНИЈА - Ние сме се изјасниле дека сакаме независна македонска држава која што ќе стане членка на Европската унија. Ако го погледнете и Уставот и нашето уредување и сите стратегии на Владите, тогаш е многу јасно дека го сакаме ова, истакна премиерот Димитар Ковачевски во врска со референдумот кој го предлага опозицијата на чело со Христијан Мицкоски.

ГЕРМАНИЈА - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ја обвини Москва дека намерно ја одолговлекува испораката на турбината со тоа што одбива да ги достави документите за транспорт на уредот во Русија, каде што инсталацијата на турбината ќе овозможи зголемена испорака на гас преку гасоводот Северен тек 1.

КОСОВО - Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), денеска објави дека нејзина цел е да ја урне Владата на премиерот Албин Курти, во која и самата партиципира, јави дописникот на МИА од Приштина.

ЦРНА ГОРА - Пет опозициски партии во Црна Гора предводени од Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ денеска до Собранието поднесоа барање за гласање недоверба на владата на Дритан Абазовиќ, по потпишувањето на Темелниот договор со СПЦ.

РУСИЈА - Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, пријател на рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека е загрижен за енергетската криза предизвикана од руската инвазија врз Украина и побара од Путин да објасни како гледа на ситуацијата и дали гасоводот Северен тек 2 може да биде ставен во функција.

ТУРЦИЈА - Годишната инфлација во Турција се искачи на речиси 80 насто во јули, покажаа денешните официјални податоци. Турскиот институт за статистика соопшти дека потрошувачките цени пораснале за 79,6 проценти во однос на истиот месец лани. Независните експерти сметаат дека инфлацијата е многу повисока од официјалните податоци. Економистите оценуваат и дека порастот на инфлацијата е предизвикан од верувањето на претседателот Реџеп Таип Ердоган дека и покрај воспоставената економска теорија, високата цена на задолжувањето води до инфлација.

САД - Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси денеска го напушти Тајван откако вети солидарност и ја поздрави неговата демократија, предизвикувајќи лутина на Пекинг кој тврди дека оваа островска земја е дел од Кина. Пелоси, пристигна на Тајван доцна во вторникот, по посетите на Сингапур и Малезија, а својата азиска турнеја треба да ја продолжи во Јужна Кореја и Јапонија. Пелоси, на денеска им рече на тајванските лидери дека Вашингтон нема да се откаже од неговата посветеност на островот и покрај противењето на Кина.

ИРАН - Амнести интернешенел соопшти дека неколку луѓе биле убиени во мај кога иранските безбедносни сили употребиле боева муниција за да ги задушат протестите поради зголемените трошоци за живот и ја повика меѓународната заедница да побара одговорност од властите.

УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека е важно за Украина Кина да не и помага на Русија во војната и дека Пекинг треба барем да остане неутрален. Тој го кажа ова во обраќањето за време на онлајн дискусија организирана од Австралискиот национален универзитет во Канбера. Во дискусијата учествуваа студенти од 21 универзитет во Австралија. Запрашан за ставот на Кина за војната во Украина, Зеленски рече дека би сакал Пекинг да им се придружи на земјите кои ја осудија руската инвазија.

СРБИЈА - Младите во Србија имаат најпозитивен однос спрема припадниците на црногорската и македонската националност, а најнегативен спрема албанската, се вели во годишниот Алтернативен извештај за положбата и потребите на млади луѓе, соопшти Младинската организација на Србија КОМС. На скалата од еден до четири, со оценка од еден што значи „секогаш сме имале блиски и пријателски односи со нив“, два – „граѓанин како сите други“, три „не ми пречат, но јас не би се дружат со нив“, а четири „не ми се допаѓаат“ - Црногорците добија вкупна оценка 1,68.