Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ја обвини Москва дека намерно ја одолговлекува испораката на турбината со тоа што одбива да ги достави документите за транспорт на уредот во Русија, каде што инсталацијата на турбината ќе овозможи зголемена испорака на гас преку гасоводот Северен тек 1.
„Нема причина оваа испорака да не се случи“, рече Шолц стоејќи до турбината.
Москва само требаше да каже дека „сака да ја добие турбината и да ги обезбеди неопходните царински информации за транспорт во Русија“, рече германскиот канцелар.
Рускиот државен енергетски гигант Газпром на 27 јули го намали протокот на гас низ гасоводот Северен тек 1 на само една петтина од капацитетот, велејќи дека потегот е нужен зашто не ја добил турбината која ја испратил за сервисирање.
Германија и ЕУ велат дека нема техничка оправданост за намалувањето на протокот на гас и рекоа дека потегот на Москва е политички мотивиран и поврзан со санкциите на ЕУ против Русија поради инвазијата врз Украина.
Шефицата на германската дипломатија Аналена Баербок, во интервју за Радио Слободна Европа на 26 јули, рече дека изговорите на Русија се уште еден пример за тоа како Москва се обидува „со сите средства и трикови“ да ја подели Европа во нејзиниот став против војната во Украина, која влезе во шестиот месец.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, денеска рече дека на Газпром му фалат документите за реинсталација на сервисираната турбина. Тој исто така рече дека има проблеми и со друга машина, но оти техничарите од филијалата на Сименс „не брзаат со поправката“.
Газпром подоцна соопшти дека санкциите од ЕУ, Канада и Велика Британија ја оневозможуваат испораката на мотор на Сименс до компресорската станица Портоваја на Северниот тек 1.
Сепак, портпаролот на германската влада Волфганг Бухнер рече дека не е потребна документација за реинсталирање на сервисирана турбина, додека портпаролот на германското Министерство за економија Стефан Хауфе рече дека турбините не се опфатени со санкциите од ЕУ.
Русија од јуни значително ја намали испораката на гас преку Северен тек 1. Газпром тоа го правда со тоа што сè уште не им е вратена турбината која беше испратена во Канада на сервис.
Сименс постојано негира дека не ја обезбедил соодветната документација.