Годишната инфлација во Турција се искачи на речиси 80 насто во јули, покажаа денешните официјални податоци. Турскиот институт за статистика соопшти дека потрошувачките цени пораснале за 79,6 проценти во однос на истиот месец лани. Независните експерти сметаат дека инфлацијата е многу повисока од официјалните податоци. Економистите оценуваат и дека порастот на инфлацијата е предизвикан од верувањето на претседателот Реџеп Таип Ердоган дека и покрај воспоставената економска теорија, високата цена на задолжувањето води до инфлација.
Турција забележа највисока инфлација во последните 24 години
Турската централна банка од септември минатата година ја намали каматната стапка од 19 на 14 отсто. Централните банки ширум светот го прават спротивното, зголемувајќи ги каматните стапки за да се борат против високата инфлација на глобално ниво. Годишната инфлација во земјите од еврозоната во јули достигна рекордни 8,9 отсто, а во јуни 9,1 отсто во САД, што е највисока во последните четири децении. Минатата година турската лира загуби 44 отсто од вредноста во однос на американскиот долар. Според денешниот курс, еден американски долар вреди 17,95 лири. Вредноста на лирата во однос на доларот сега е за околу 25 отсто пониска отколку на почетокот на годината.