Богатите западни земји од Групата седум (Г7) ја обвинија Русија дека се обидува да го користи нејзиниот извоз на енергија како „оружје“ и вети дека ќе работи за да обезбеди Москва да не ја „искористи“ својата позиција како производител на енергија „за да профитира од нејзината агресија на сметка на ранливите земји“.
Г7 во соопштението објавено на 2 август наведува дека Русија го прекршила меѓународното право со инвазијата на Украина и побара „веднаш да се стави крај на оваа војна и безусловно да ги прекине сите непријателства“.
„Ние дополнително ги осудуваме руските обиди да го инструментализира својот извоз на енергија и да ја користи енергијата како алатка за геополитичка принуда. Затоа Русија не е сигурен снабдувач на енергија“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на владата на Обединетото Кралство.
Во него меѓудругото пишува дека земјите ќе дејствуваат во солидарност и тесна координација за да го ублажат влијанието на нарушувањата во снабдувањето врз економиите и граѓаните на глобално ниво и во нивните земји.
Како одмазда на западните санкции, Русија го намали снабдувањето со енергија за земјите што ги сметаше за „непријателски“, предизвикувајќи стравувања кај многу европски земји дека нема да имаат доволно за да ја поминат следната зима.
Во соопштението се вели дека Г7 - составена од САД, Обединетото Кралство, Франција, Канада, Германија, Јапонија и Италија, ќе продолжи да истражува понатамошни мерки за да спречи Русија да профитира од нејзината агресивна војна и да ја „ограничи“ способноста на Русија да води војна.
Исто така, Групата ветува дека постепено ќе ја укине руската употреба на енергија од локалните пазари и ќе бара „да се развијат решенија кои ќе ги намалат руските приходи од јаглеводороди, ќе ја поддржат стабилноста на глобалните енергетски пазари и ќе ги минимизираат негативните економски влијанија, особено на земјите со низок и среден приход.