Армијата на Нагорно-Карабах ги обвини азербејџанските сили за напади врз нејзините позиции на север и северозапад од територијата. Одбранбената армија на Карабах објави дека нејзините војници во текот на денот ги спречиле азербејџанските „обиди за преминување на контактната линија“.
„Ерменската страна не претрпе никакви жртви. Ситуацијата се уште е напната“, се вели во соопштението.
Во соопштението се додава дека руските мировни сили стационирани во Карабах добиле „детални информации“ за ситуацијата на линијата на фронтот.
Пратеникот од Карабах, Артур Харутјунијан, набргу потоа за ерменската служба на РСЕ изјави дека борбите престанале. Тој исто така рече дека азербејџанската армија не зазела ниту една ерменска позиција во Карабах.
„Се е под контрола на нашите вооружени сили“, рече Давид Бабајан, министер за надворешни работи на Карабах.
Министерството за одбрана на Азербејџан категорично негираше какви било прекршувања на прекинот на огнот во или околу Карабах. Ситуацијата долж Карабахската линија на контакт е релативно мирна од март.
Претходно вечерта, Арајик Харутјуниан, претседателот на Карабах, одржа итен состанок со командантот на одбранбените сили Кам Вартанјан и други безбедносни претставници.
Во меѓувреме, ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан телефонски разговараше со американската помошник државна секретарка Карен Донфрид. Минатиот месец, Донфрид разговараше со Мирзојан и азербејџанскиот министер за надворешни работи Џејхун Бајрамов, еден ден по нивните директни разговори во Тбилиси.
Една недела подоцна, американскиот државен секретар Антони Блинкен им телефонираше на лидерите на Ерменија и Азербејџан. Блинкен потоа твитна дека гледа „историска можност да се постигне мир во регионот“.
Ерменската страна минатата недела објави дека азербејџанските сили отвориле оган врз две села во Нагорно-Карабах и врз позициите на ерменската армија на границата меѓу Ерменија и Азербејџан.