Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска објави дека разговарал со премиерот на Косово, Албин Курти и додаде дека двете страни мора да останат воздржани.
„Разговарав со Албин Курти за неодамнешните тензии во Косово и континуираното значење на присуството на нашата мисија КФОР. Сите страни мора да останат воздржани, да избегнуваат еднострани потези и да го поддржат дијалогот со посредство на Европската унија“, напиша Стотенберг на Твитер.
Косовската влада најави дека од 1 август ќе почне да им издава документи за влез -излез на Србите коишто влегуваат во Косово, исто како што косовските државјани добиваат на влез во Србија. Од тогаш исто така требаше да почне замената на српските регистарски таблички, со кои возат косовските Срби, со косовски таблички.
Незадоволни од одлуката, Србите ги блокираа патиштата во северно Косово, а беа затворени граничните премини Брњак и Јариње. По средбата на косовскиот претседател Албин Курти и претседателката Вјоса Османи со американскиот амбасадор во Приштина, одлуката беше одложена за 30 дена. Србите денеска ги отстрануваат барикадите.