Не постои поголем патриотизам од носењето на државнички одлуки. Илинденците со оружје во рака се бореле за ние денес да можеме да водиме други поинакви битки, за развој и просперитет на сите граѓани, порача премиерот Димитар Ковачевски во својот говор на Мечкин Камен во Крушево по повод националниот празник Илинден.
„Илинденците од АСНОМ порачаа: каква Македонија ќе изградиме таква ќе ја имаме. Ние градиме современа прогресивна, економски развиена земја. Нашиот поглед е свртен кон иднината. Исто како погледот на Илинденците од 1903, 1944 и 1991 година. Сега е време за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре. Но пред се за посветена работа, за да развиеме, силна успешна и просперитетна европска држава“, рече Ковачевски.
Тој истакна дека денеска Република Северна Македонија е пример како се градат добрососедски односи, таа е предводник на иницијативата отворен Балкан, интегрирана е во НАТО, а вратите за нас ги отвори и ЕУ, додаде Ковачевски.
- Македонија го слави Денот на Републиката-Илинден
- Ахмети: Остануваме решени да го надминеме следниот предизвик, ЕУ интеграцијата
Визијата на револуционерите Делчев Гули Сандански, Карев, на Крушевската Република, за обединување еднаквост, правичност и праведност е аманет, кој како што рече, обврзува.
„Како што успеавме да се обединиме независно од етничката и верската припадност, наша заедничка должност е да треба да се обединиме и независно од политичките определби. Како илинденците и асномците и ние да ги поставиме пред нас државните приоритети. Тие приоритети се напредок на државата. Нема поголем државен приоритет од патот напред кој носи перспективи за иднината на младите и економски напредок за граѓаните. Тоа е можно со интеграцијата во европското семејство и повикувам на обединување за остварување на оваа државна цел. Нејзините корени се во Илинден и затоа Илинден нека биде нашата сила за нашата иднина“ рече премиерот Ковачевски.