Новата преодна влада на Бугарија положи заклетва

илустрација

Претседателот на Бугарија Румен Радев по претставувањето на новата преодна влада и нејзиниот премиер Гулаб Донев изјави дека главниот предизвик е поврзан со безбедноста, јави дописникот на МИА од Софија.

Ризикот војната да зафати нови територии е реален и, според Радев, прв приоритет за новата бугарска влада е да се спречи вовлекување на Софија во конфликтот, да се намалат ризиците за националната безбедност на Бугарија и да се забрза работата на модернизација на воените сили на земјата. Според претседателот на Бугарија, глобалната енергетска криза е директна последица на војната.

„Техничката влада и следните влади во Бугарија мора да се водат од два важни приоритети – безбедноста на снабдувањето и цената на енергетските превозници. Друга катастрофална последица од војната е кризата со храна, рече Радев. Важен приоритет ќе биде безбедноста на храната и контролата на цените во Бугарија“, додаде тој.

Новите министри и вршител на должноста премиер Гулаб Донев дадоа заклетва пред претседателот на Бугарија, бидејќи нема активно Народно собрание за положување заклетва. Ова е 100-та влада на Бугарија од ослободувањето на земјата од османлиската власт пред 144 години и осма официјална влада од воведувањето на повеќепартиската демократија кон крајот на 1989 година.