Џафери: Идентитетот не се дава и одзема, идентитетот е тоа што сме

Претседателот на Собранието Талат Џафери

Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Тоа е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква граѓанска држава, општество на сите граѓани во кое ќе растат нашите деца, внуци и идни генерации кои заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во европска Република Северна Македонија, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери во денешното обраќање во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце по повод националниот празник Илинден.

Претседателот на Собранието посочи дека предизвиците на нашиот пат никако не престануваат и не се намалува тежината на одлуките што треба да се донесат, а секоја нова тешкотија, нова пречка е тест за државата, за институциите и за граѓаните.

„Гледано објективно и со искрена намера за кажување на работите онака како што се, ќе го кажам тоа што на сите ни е познато, а тоа е дека ниту една земја не наиде на поголеми препреки од Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и Европската унија. Во тој процес, за жал, се разјадуваше нашето општество, се групираше во табори, во предавници и патриоти, во европејци и русофили, во албанофоби и бугарофили, во комуњари и вмровци. А тоа никако не беше во полза на државата. Тоа никако не одеше во прилог на обединувањето кон крајната цел“, рече Џафери.

Сепак, посочи претседателот на Собранието, и во тие лоши времиња на делби, имаше и се уште има луѓе со јасна визија и искрена намера да не се дозволи да се изгуби тоа што е одамна стекнато.

„Верувам дека откажувањето од се и тврдоглаво држење за една флоскула која на крајот на краиштата е само празна флоскула која не нуди никакво алтернативно и можно решение туку само ан блок ги одбива можностите, никогаш не било и нема да биде опција за тие што вистински ја сакаат Република Северна Македонија. Тврдењето дека само така се сака државата, губејќи се при тоа себеси, државата и се разбира идентитетот, секако дека не е прифатлива опција. Затоа што, идентитетот не е нешто што се дава и одзема, идентитетот е тоа што сме и што го носиме во нас,“ рече Џафери во Пелинце.

Зборувајќи за глобалните кризни и безбедносни предизвици, тој кажа дека сме „премногу мали за сами да ги биеме битките пред кои се исправаме секојдневно“ и оти е значајно да бидеме обединети и единствени за тоа што го сакаме, заслужуваме и можеме како земја и како граѓани на Република Северна Македонија.

Според него, сега започнува вистинската битка за реформирање на институциите, за консолидирање на редовите, за спроведување во пракса на усогласените закони со европското законодавство и за тоа ни треба единство, искрен и несебичен придонес на секој еден поединец во државата. Негова порака е исто така да градиме држава без дискриминација, со почитување на правата и слободите на сите граѓани подеднакво, без оглед на етничката, верската, политичката припадност, без оглед на пол, социјален и економски статус.