Во параклисот на манастирот Прохор Пчински во Република Србија денеска е поставена спомен плочата за одржувањето на ова место на првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. На неа на двата јазика и на македонски и на српски јазик, пишува:
„На 2 август 1944 година на ова место е одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија, каде народните избраници донесоа историски одлуки со кои се воспостави државност и самобитност на македонскиот народ изразувајќи ја својата определба да живеат заедно со народите на Југославија“.
- Пендаровски: Историската вистина не може да се промени со договор, ниту со протокол
- Во „Св. Прохор Пчински“ и заедничка литургија на МПЦ-ОА и СПЦ за Илинден
На ова место денеска државнo-црковна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, Мирослав Јовановиќ и Лидија Тасевска, Кумановско-осоговскиот митрополит г. Григориј и Епископот Стобиски г. Јаков, како претставници на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како и претставници од Сојузот на борците на НОБ ќе постават венци.
Во манастирот Св.Прохор Пчински утринава за верскиот празник Св.Илија заедничка литургија сослужуваа владици на СПЦ и МПЦ-ОА.
Со заедничката литургија во црквата во манастирот Св.Прохор Пчински чиноначалствуваше Врањскиот епископ г.Пахомије, а на литургијата сослужуваа Кумановско-осоговскиот митрополит г. Григориј и Епископот Стобиски г. Јаков од МПЦ-ОА и епископот Давид од ПОА.
Од српска страна, на чествувањето ќе присуствуваат министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ и Епископот врањски г. Пахомије, како претставник на Српската Православна Црква.