Санчез: Западен Балкан е составен дел на ЕУ

Педро Санчез и Еди Рама

Западен Балкан е составен дел од Европската Унија и Шпанија целосно ја поддржува интеграцијата на тој регион во ЕУ, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез во Тирана, јави МИА. Санчез е првиот шпански премиер кој ја посетил Албанија. Пред Тирана, Санчез беше во посета на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија.

„ЕУ не може да се замисли без Балканот. Интеграцијата на тој регион ќе ја зајакне ЕУ“, рече Санчез на прес-конференцијата со албанскиот премиер Еди Рама.

Сепак, тој, како што пренесува РТК, истакна дека неговата земја не ја признава независноста на Косово, бидејќи, според него, со прогласувањето независност Косово го прекршило меѓународното право.

„И покрај сета почит што ја имаме за албанскиот народ, тоа не можеме да го прифатиме“, истакна Санчез.

Видете и ова: Санчез во Скопје - Вреди да се биде дел од ЕУ

Шпанија е една од петте земји на ЕУ и четирите земји од НАТО кои не ја признаваат независноста на Косово, прогласена во 2008 година. Непризнавањето е главната пречка за интеграцијата на Косово во ЕУ и НАТО, каде одлуките за проширување се носат со консензус на сите членки.