Во манастирот „Св. Прохор Пчински“ утре, покрај одбележувањето на празникот Илинден од страна на државно-црковна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски, ќе се одржи и заедничка литургија по повод верскиот празник Св. Илија на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и Српската православна црква (СПЦ), објави државната агенција МИА.
Повикувајќи се на извори од српски црковни кругови, новинската агенција пишува дека заедничката литургија во црквата во манастирот „Св. Прохор Пчински“ со почеток во 8 часот ќе ја сослужуваат митрополитот струмички Наум, митрополит кумановско-осоговски Григориј и епископот стобиски Јаков од МПЦ – ОА и епископот врањски Пахомије од СПЦ.
Видете и ова: По речиси две децении македонска делегација ќе оди на 2 Август во „Св. Прохор Пчински“Двете цркви досега одржаа неколку заеднички литургии откако на 9 мај годинава, Вселенската патријаршија донесе одлука за признавање на црковната јерархија на Охридската архиепископија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет, со што започна решавањето на повеќедеценискиот спор помеѓу МПЦ-ОА и СПЦ.