Дер Лајен за кризата со рускиот гас: Европа да се подготви за најлошото

Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, предупреди дека Европа мора да се подготви за „најлошото сценарио“ во врска со снабдувањето со руски гас.

„Бидејќи Русија веќе целосно или делумно го прекина снабдувањето со гас за 12 земји-членки [ЕУ], сите ние мора да се подготвиме за најлошото“, изјави Фон дер Лејен за шпанскиот весник „Ел Мундо“.

Русија ја прекина испораката на гас за неколку земји од ЕУ поради нивното одбивање да ја платат испораката во рубли, барање за кое европските земји велат дека е поврзано со обидите на Кремљ да го ублажи влијанието на западните санкции врз Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Видете и ова: Русија го намали протокот на гас преку Северен тек за 1 до 20 насто од капацитетот


Русија, исто така, ја прекина испораката на гас за Германија преку гасоводот Северен тек 1 поради проблеми со одржувањето за кои Германија рече дека се предизвикани од Русија како одмазда за западните санкции.

Зголемената загриженост поради намалувањата на Русија во испораките на гас ја принуди Унијата минатата недела да се согласи за итен план за намалување на потрошувачката на гас и задоволување на потребите за зимско снабдување.