Кинеската војска „нема да седи со скрстени раце“ ако Пелоси го посети Тајван, предупреди Пекинг

Илустрација - Ненси Пелоси во Сингапур

Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, ја започна својата азиска турнеја во понеделник, 1 август, со посета на Сингапур. Кина предупреди дека нејзината војска „нема да седи со скрстени раце“ доколку го посети Тајван, самоуправен остров за кој претензии има Пекинг.

Додека продолжуваат шпекулациите дали Пелоси ќе застане на Тајван, нејзината канцеларија во неделата објави дека таа ја предводи конгресната делегација во регионот, која ќе вклучува посети на Сингапур, Малезија, Јужна Кореја и Јапонија. Тајван не беше споменат, пишува новинската агенција Ројтерс.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџијан изјави дека посетата на Пелоси на Тајван ќе биде „грубо мешање во внатрешните работи на Кина“ и предупреди дека тоа ќе доведе до „многу сериозни случувања и последици“.

„Би сакале уште еднаш да им кажеме на САД дека Кинеската Народноослободителна армија никогаш нема да седи со скрстени раце, а Кина ќе преземе решителни одговори и силни контрамерки за да го одбрани својот суверенитет и територијален интегритет“, рече Жао на редовната прес-конференција.

Видете и ова: Лидерите на САД и Кина меѓусебно се предупредија за Тајван

Кина смета дека посетите на американските официјални претставници на Тајван испраќаат охрабрувачки сигнал за политиката за независност на островот. Вашингтон нема официјални дипломатски врски со Тајван, но американскиот закон го обврзува да му обезбеди на островот средства за самоодбрана. Посетата на Пелоси, која е трет по ранг функционер во американската администрација и долгогодишен критичар на Кина, ќе се одржи во услови на влошување на односите меѓу Вашингтон и Пекинг.