Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти добиле покана од шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, да дојдат во Брисел и да го продолжат дијалогот за сите отворени прашања, потврдија извори во Брисел за Радио Слободна Европа. Повикот дојде во време на зголемени тензии во Косово, кои настанаа откако Србите на северот на Косово ги блокираа патиштата кон граничните премини со Србија, Јариње и Брњак. Блокадите беа воспоставени во недела, на 31 јули, ден пред да стапат на сила одлуките на косовската Влада за издавање документи за влез-излез за српските државјани кои влегуваат во Косово и за промена на српските регистарски таблички.
Косово ја одложи одлуката за регистарските таблички, тензиите остануваат
По дипломатската интервенција на Вашингтон, Владата најави дека ќе го одложи спроведувањето на одлуките кога ќе се отстранат блокадите. Во понеделник пред пладне започна отстранувањето на една од барикадите што локалните Срби ја поставија на северот на Косово поради одлуката на Владата на Косово да започне со издавање документи за влез-излез за граѓаните на Србија. Извори од Брисел предупредуваат дека тензиите се директна последица на немањето волја кај лидерите да седнат и да го продолжат бриселскиот дијалог. Официјални лица во Брисел истакнаа дека е планирано да се одржи нова рунда на ниво на лидери пред почетокот на летните одмори на ЕУ. „Поради тој факт (дека средбата не се одржа) сега имаме тензии. Тензиите кои имаат потенцијал да ескалираат бидејќи повторно имаме точка на удар. Секој одговорен политичар би се качил во авион и би дошол што е можно поскоро во Брисел за да најдете решение“, изјави еден европски функционер за РСЕ под услов да остане анонимен.
Рама: Косово има два пата, војна или „Отворен Балкан“
Како што објаснија извори од РСЕ, поканата на Борел да дојде во Брисел и да го продолжи дијалогот е отворена и засега нема конкретен датум кога би се одржала нова рунда, бидејќи, како што е објаснето, се зависи од политичката волја на лидерите на Србија и Косово. Овие извори, сепак, не појаснија дали повикот на Борел добил позитивен одговор од српскиот претседател и од косовскиот премиер.